Половина век државата не заковала ни шајка во амбулантата во Козле

Повеќе од 50 години државата не инвестирала во амбулантата во Козле. Зградата е во многу лоша состојба. Однадвор воопшто не изгледа како примарна здравствена установа. Ѕидовите се стари и мувлосани, a многу прозорци се скршени. Оваа амбуланта вработува 5 лекари кои имаат ординации под концесија и вршат стоматолошки, општи и педијатриски услуги. Внатре во ординациите лекарите инвестирале во делот каде вршат медицински услуги, но тоа не ја подобрува целокупната состојба на установата. Граѓаните што ги сретнавме се тукашни пациенти со децении. Поради лошите услови и заминувањето на лекарите од амбулантата, се префрлиле во други.
Од Здравствениот дом во Скопје, под чија надлежност се амбулантите во главниот град, велат дека во наредниот период планираат да ги обноват сите објекти кои се во лоша состојба.
„Во наредниот период ќе ги обновиме повеќето амбуланти во главниот град. Во август ќе се реновираат амбулантите во Ѓорче Петров, Бутел и Лисиче. Откако ќе заврши нивното реновирање, започнува втората фаза каде ќе се реновираат амбулантите во Козле, Карпош и Автокоманда. Изградбата ќе биде модуларна и се очекува да заврши во рок од 2 месеци. На почетокот на јули ќе започнеме со дислокација на концесионерите. Во моментов бараме решение каде ќе ги распоредиме“, рекоа од Здравствен дом – Скопје.
На целата територија на Скопје има над 40 амбуланти кои се во надлежност на Здравствениот дом. Оваа институција управува со вкупно 65 здравствени установи, од кои 11 се поликлиники.
Вјолца Алити