Германија, Португалија и Словенија „крајно загрижени“ зашто Македонија и Албанија не почнаа преговори со ЕУ

Постапките на Скопје и Софија во однос на Договорот за добрососедство и пријателство треба да бидат реципрочни, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него, духот на договорот од 2017 година ја обврзува Бугарија да ја поддржува интеграцијата на С. Македонија во западните структури. Османи додаде дека решението со Софија треба да го вклучува португалскиот предлог, дефинираниот патоказ и зеленото светло за почеток на преговорите.
„Според член 2 од договорот, Бугарија ќе има обврска да ги поддржува евро-атлантските интеграции, Северна Македонија ќе има свои обврски и тие заеднички ќе ги спроведуваме и следиме. Тоа значи дека процесот е дизајниран така што можеме заеднички да преземаме обврски и од тука мора да продолжиме, не треба да се враќаме во периодот пред 2017 година и да почнуваме со едностран пристап кон решение“, рече Османи.
Ден претходно, бугарското Министерство за надворешни работи објави список на обврски, кои наводно македонската страна ги прифатила при последната посета на владината делегација во Софија. На списокот, меѓу другото, се наведува дека Скопје изразило подготвеност што побрзо да потврди во ООН дека краткото, но и долгото име се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не и на географскиот регион „Северна Македонија“.
Според бугарското МНР, Македонија требало јасно да каже дека нема никакви претензии за малцинство во Бугарија. Освен тоа, се бара нашата земја да почне процес за рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, да ги усогласи со Бугарија образовните програми по историја, како и заеднички да ги идентификуваат натписите што предизвикуваат омраза кон Бугарија и Бугарите. Додека не се исполнат овие обврски, власта во Софија наведе дека нема да го тргне ветото за почеток на пристапните преговори за членство на С. Македонија во ЕУ.
Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на Германија, Португалија и Словенија, Хајко Мас, Августо Сантос Силва и Анже Логар, излегоа со заедничка изјава за блокадата од Бугарија, поради која ниту Албанија не доби датум за почеток на преговорите. Тие ја нагласуваат важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ. Тие додаваат дека сегашниот ќор-сокак го намалува кредибилитетот на ЕУ и е во спротивност со европските стратешки интереси за стабилност на Западен Балкан.
„Ние сме крајно загрижени што не успеавме да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија и покрај фактот што Советот донесе одлука за тоа во март 2020 година. И двете земји направија низа реформи, додека Северна Македонија инвестираше висок политички капитал во проширувањето, па дури и го смени своето име. Време е ЕУ да ги исполни своите ветувања. Словенечкото претседателство ќе ги продолжи овие напори и ќе ги надоградува досегашните достигнувања“, се вели во заедничката изјава на Мас, Силва и Логар.
Билатералните прашања меѓу двете земји, според овие европски министри, треба да се решаваат билатерално.
Мефаил Исмаили