Скопјани рационално да ја користат водата за пиење, апелираат од градски водовод

Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури. Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.
– Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи од каде се најавуваат високите температури кои деновиве ќе достигнат и над 40 °C, како и податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, соопштија од ЈП „Водовод и Канализација”.
Воедно, потсетуваме дека дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за водоснабдување, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за водоснабдување, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде покрената прекршочна постапка за сторено кривично дело.
– Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во град Скопје. ЈП Водовод и канализација – Скопје ги повикува граѓаните на одговорно однесување и регуларно поднесување барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба, велат од градски водовод и апелираат до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 023073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација достапна за Android и iOS.