Владата преку приватна ревизорска куќа ја чешла доделената државна помош на фирмите

Генералниот секретаријат на Владата ангажирал ревизорска фирма која дополнително ги чешла компаниите кои лани искористиле државна помош за исплата на плати. Сметководителите реагираат дека во ниту една уредба нема одлука дека покрај УЈП, како надлежен орган кој веќе ги има проверувано компаниите, ќе има и дополнителни проверки од приватна ревизорска куќа. Апелираат сметководителите да не ги испраќаат побараните документи се додека институциите не им објаснат на што се должи оваа ревизија.
„Нејасно е зошто Генералниот секретаријат ја користи својата позиција на моќ и наметнува дополнителна обврска на сметководителите кои што не се ниту ангажирани ниту платени од страна на нарачателот на оваа ревизија. Ова може да доведе до судир на интереси при доставата на ревизорската куќа поради што апелираме до сметководителите да не доставуваат никакви документи“, рече Александра Андреева, Комора на сметководители.
Од Управата за јавни приходи не упатија одговорот зошто е ангажирана ревизорска куќа да го бараме од Генералниот секретаријат на Владата.
„Во врска со Вашите прашања потребно е да се обратите до Генералниот секретаријат на Владата. Функцијата на Управата за јавни приходи е јасно дефинирана во Уредбата, УЈП преку однапред поставени параметри согласно член 3 и 4 проверува за комплетноста на барањето“, наведуваат од УЈП.
Алсат побара одговор од канцеларијата на Генералниот секретаријат на Владата по кој основ е одлучено да се прави ревизија, но до овој момент одговор не добивме.
Андреа Чобанова