
Владата дозволи да се организираат свадби во затворените делови на угостителските објекти. По предлог на Министерството за економија ќе биде дозволено до 40 отсто од капацитетите на локалите да бидат исполнети, но не повеќе од 250 гости. Инаку, членот на Комисијата за заразни болести, заменик министерот за здравство Илир Хасани за Алсат денеска соопшти дека е подобро да се организира свадба по протоколи, а не тие да се прават скришно во дворови на куќи или викендици далеку од инспекциските служби и да се нема никаква контрола.
„За мене не е воопшто спорно, од 30 до 50 отсто од капацитетот почитувајќи ги сите други протоколи и така не е проблем да се организира. Тоа е мое лично мислење кое го кажувам и денеска“, рече Илир Хасани член на Комисијата за заразни болести.
А, угостителите од западниот дел на Македонија велат дека имаат инвестирано илјадници евра во вентилација се со цел локалите да бидат проветрени и безбедни за свадби. Несомнено е, велат тие, дека печалбарите ќе се вратат во земјава да прават свадби, но од властите зависи дали ќе ги прават во дворовите дома, во соседните земји или пак со протоколи во рестораните.
„Во позадина од куќите веќе се слуша музика која е за свадба. А сега е започната сезоната на свадби. Би било пологично свадбите да се одржуваат во локал со одредени протоколи бидејќи во сите простории се инвестира стотици илјади евра, а добар дел од нив одат за вентилација на воздухот“, рече Фитим Таири- здружение на хотелиери „ХУРЕКА“.
Оваа одлука доаѓа само два дена откако министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека ова лето нема да се оди на поголемо опуштање и свадби ќе се прават исклучиво на летните бавчи и тераси кои ги поседуваат рестораните и хотелите. Ова беше едно од најголемите барања на угостителите бидејќи според нив најголемиот дел од категоризираните објекти за свадби се од затворен тип.
Иле Петревски