Претседателот Пендаровски во официјална посета на Хрватска

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Хрватска. Шефот на државата денеска во Загреб со државни и воени почести ќе биде пречекан од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. По нивната тет-а-тет средба ќе се одржи пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Пендаровски ќе оствари средби и со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. Утре претседателот Пендаровски ќе се обрати на билатерална деловна средба – со фокус врз инвестициите, која се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација. За време на официјалната посета на Хрватска, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска.