ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Конфискација на имот; Ниту денар од Кочан не е вратен во буџетот

На 2 – ри август годинава, истекуваат две години од кога Сеад Кочан е во затвор. Но, иако тој од 2019 – та е во Идризово, државата до сега не успеа да конфискува ниту денар, иако освен затворска казна Судот пресуди дека тој треба да врати во буџетот 17 милиони евра, штета која Кочан и неговата фирма „Трансмет“ ја направија со формирањето лажен конзорциоум за да добијат тендер за ископ на јаловина.

Кочан во меѓувреме, почнал да ги користи и бенефитите за излез од Идризово за слободни денови – последно на 13 – ти мај годинава кога три дена бил на викенд надвор од затворската ќелија. Но, државата никако не успева да го „заврти“ долго најавуваниот бројчаник на „Триумфаланата капија“ за да светнат 17 милиони евра вратени во државната каса. Наместо пари во буџетот, правосилната осуда донесе проблеми и ниту денар на фамозниот бројчаник.

„26 недвижнини се на име на Агенцијата но се под залог, додека 204 возила не се конфискувани, зашто и тие се под залог. Правиме напор со Државното правобранителство, предност при конфискацијата да има државата а не шестте банки и извршителите кои исто чекаат за наплата“, наведуваат од Агенцијата за управување со одземен имот.

„Трансмет“ фирма, која царуваше со тендери во времето на Никола Груевски, отиде во стечај. Стечајниот управник, Богољуб Макрески околу случајот, само кусо рече:

„Во стечајната маса нема имот. Тоа значи дека Агенцијата за управување со одземен имот треба да ја спроведе пресудата и да го продава имотот“, рече Богољуб Макревски, стечаен управник.

Примерот со имотот на Кочан не е единствен. Конфискација на имот во судската практика многу ретко и се бара. Според анализите највисока конфискувана сума е 250 илјади евра, а најниска само 500 евра.

„Ќе треба да се биде многу внимателен и да се превенира додека трае кривичната постапка имотот да биде обезбеден. Да не биде оптоварен од други субјекти“, рече Никола Тупанчевски, Универзитетски професор.

Расформираното СЈО, имотот на веќе осудениот Сеад Кочан го замрзна уште во 2017 – та година. И тогаш, обвинителите знаеле дека имотот е ставен под залог. Дополнителен проблем е што новинарски истражувања покажаа дека камионите и возилата на „Трансмет“ се возат низ Македонија иако треба да се конфискувани а полицијата само констатира прекршоци на брендираните возила на оваа пропадната компанија.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button