Библиотеката во Тетово останува во старите простории

На површина од само 250 квадратни метри, каде што се поставени над 80.000 книги, тесни полици, недостаток на светлина и влага што ги уништува книгите. Ова се условите на библиотеката во Тетово во која нема читална.
Раководството на Градската библиотека вели дека со години барале нови простории, а меѓу опциите била и поранешната куќа на АРМ во овој град. Но, и покрај многуте барања вчера овој објект беше доделен на Музејот на град Тетово.
Од библиотеката се жалат дека Владата и Министерството за култура не ги исполнуваат нивните барања.
„Ние ќе продолжиме со нашите барања сè додека не најдеме можност и нема да застанеме. И верувам дека ќе наидеме на разбирање“, рече Резарта Дервиши, директорка на библиотеката во Тетово,
Од недостатокот на простор најмногу трпат читателите и тие кои студираат, кои треба да учат во просторот на библиотеката, каде што, за жал, нема ниту работна маса.
„Поради просторот, читателите неможат да земат и да читаат книга во библиотеката, затоа што нема простор. Значи, со целосна одговорност велам дека најголеми проблем имаат читателите кои се во многу голем број”, рече Махи Муртезани, библиотекар.
Библиотеката во Тетово, со овие услови ќе продолжи да работи најмалку уште четири години, кога се очекува завршување на новата зграда, чиј рок се продолжува скоро секоја година.
Башким Сулејмани