Концесионери копаат суровини надвор од парцелите, страда животната средина

Три концесионери копале минерални суровини надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат. Освен прекршок што не постапувале согласно прописите, со неодговорното однесување на овие фирми кои не го почитувале законот, предизивикале и штета врз природата. Прашавме во Државниот инспекторат за животна средина, колку трпи околината на сметка на бизнис-интересот и трката по поголем профит?
„Ние не можеме да утврдиме на терен, бидејќи не сме надлежни, дали има зголемена површина од она што е дадено со концесијата. Но, доколку во стварност тоа се случува кога имаме експлоатација на песок и чакал имаме зголемено нарушување, прво на хидролошкиот режим, второ земјоделското земјиште кое се користи за да се стигне до песок и чакал, се уништува“, рече Ана Петровска, директор на ДИЖС .
Експлоатација на минерални суровини на планините надвор од дозволата, исто така може да предизвика уништување на околината.
„Оние минерални суровини на планините каде се зголемува површината на експлоатација може да доведе до сечење на шуми и уништување на стабилноста, зголемување на ерозијата“, изјави Ана Петровска, Директор на ДИЖС .
Државниот завод за ревизија во извештајот објавен деновиве за искористеноста на минералните суровини, освен што забележа дека се копало надвор од границите на дозволите, констатираше и дека од 2016 – та до 2020 – та година не се наплатени половина милион евра по основ на концсиски надоместоци. За истиот период ревизорите утврдиле дека со задоцнување наплатени се над 11 милиони евра но министерството за економија нема пресметано затезна камата ниту на еден концесионер. Прашавме во Државниот инспекторат за техничка инспекција зошто контролите им затаиле, но одговор најавија за од понеделник оти директорот бил на службен пат.
Бојан Стојановски