Царовска: Не отстапуваме од законот за учебници, но даваме можност за уште едно елаборирање

И покрај повлекувањето на предлог-законот за учебници од собраниска процедура, Министерството за образование и наука продолжува со подготовка на дигиталните материјали за учење, вели министерката Мила Царовска
„Ние ќе продолжиме со имплементација на реформите. Светот се менува толку брзо што учебниците брзо застаруваат, затоа не е прашање дали ние сакаме или не дигитални учебници, туку дека мораме да ги воведеме затоа што тие ќе понудат поинаков пристап во учењето, од печатените учебници кои се со многу лош квалитет и со една илустрација на лекциите“, рече Царовска за „Утрински брифинг“.
Министерката посочи дека Владата и Министерството не отстапуваат од новиот закон за учебници и дека, и покрај тоа што беше слушната експертската јавност, уште еднаш ќе биде ставен на јавна дебата.