Албанските партии нема да ја поддржат Резолуцијата на ВМРО за преговорите со Бугарија

Албанските партии не ја поддржуваат резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии за прашањето на идентитетот и јазикот, додека тоа го поткопува процесот на интеграција на земјата. Според ДУИ, оваа резолуција треба детално да се разгледа и секоја тенденција за дефокусирање од процесот на интеграција, нема да ја има нивната поддршка.
„Сметаме дека интеграцијата на земјата во ЕУ е приоритет за сите политички партии. Сметаме дека е потребно да се усогласи текстот на резолуцијата со сите парламентарни политички партии и да се осигура дека таа нема да му наштети на нашиот пат кон ЕУ“, рече Арбер Адеми, пратеник на ДУИ.
Албанската опозиција не поддржува резолуција за која како што велат, покрај процесот на интеграција, влијае и врз меѓудржавните односи со соседите.
„Интеграциските процеси во никој случај не треба да бидат прекинати. За нас е важно да имаме добри партнерски односи со соседните земји и со регионот, а со тоа и со Бугарија. Владините партнери треба да ги усогласат своите позиции за да бидат на иста линија. Ако тие имаат различни ставови, тогаш нешто не е во ред“, изјави Халил Снопче- пратеник на Алијанса за Албанците.
Резервирана поддршка за резолуцијата изрази и „Левица“, која бара да се вметне и нивната изјава од ноември 2020 година. ВМРО-ДПМНЕ проценува дека резолуцијата ќе биде усвоена затоа што ја обезбедиле поддршката од СДСМ и некои други парламентарни партии. Во врска со можноста за враќање на документот поради непочитување на уставното име, македонската опозиција смета дека такво нешто не е процедурален проблем.
Резолуцијата е подготвена во соработка со МАНУ, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Македонската православна црква. Таа предвидува преговорите со Бугарија да бидат без условувања, зачувувајќи го достоинството на македонскиот народ, јазик и идентитет.
Адриан Керими