Резолуцијата на ВМРО за црвените линии кон Бугарија до петок ќе биде доставена до Парламентот

ВМРО-ДПМНЕ утре или до петок ќе ја достави до Собранието Резолуцијата за црвените линии на земјава во преговорите со Бугарија. Пратеникот Тимчо Муцунски вели дека за Резолуцијата не треба да се преговара бидејќи е во прилог на забрзување на европската перспектива и зајакнување на државата и националниот суверенитет на Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара од ДУИ да мисли за интересот на државата, а не за интерес на соседите и другите држави. Во интервју за „Вечер“ Мицкоски наведе дека е изненаден што Бујар Османи и понатаму е министер за надворешни работи. Од друга страна, Османи во „Утрински брифинг“ изјави дека ставот на ДУИ е оти Резолуцијата на ВМРО, ризикува државниот консензус постигнат за Бугарија, да го претвори во етничко прашање.
„Нашиот став е дека овој процес треба да почне од нула, партиите треба да седнат, дали треба да се донесе резолуција, тоа треба да биде производ на консензус на сите, а да не биде наметнат од една партија. Се плашам дека трансформацијата од државна во етничка позиција е една од најголемите штети што може да се направат“, рече Бујар Османи, ДУИ.
СДСМ ја поддржува Резолуцијата, а за ставот на ДУИ велат дека е нивно право.
„Секој има право да постапува како што сака во Собранието, но она што е важно е да се каже дека на сите им е јасно дека за македонскиот идентитет и јазик не се преговара и не треба да бидат предмет на преговори и никогаш не било“, велат од СДСМ.
Од Алијансата за Албанците и Алтернатива најавија дека конечната одлука дали да ја поддржат Резолуцијата ќе биде донесена на следните состаноци на партиските тела.
Мефаил Исмаили