Струшкиот градоначалник наместо одговори упати обвинувања кон новинарите

Струшкиот градоначалник и денеска влезе во конфликт со новинарите. Ова е втор инцидент на Мерко за помалку од еден месец. Откако претходно вербално ги нападна дека не биле писмени, денеска ги обвини дека работеле за опозицијата.
Прашање: Градоначалник сметате ли дека овие обвинувања кои доаѓаат од Алијанса, сега се во пресрет на локалните избори?
„Знам дека и ти си Алијанса и твоето прашање не оди тука“, возврати Мерко.
Со вербалниот напад врз новинарите, Мерко избегна да одговори на обвинувањата од опозицијата дека кај автокампот Ливадиште тој и негови блиски луѓе незаконски граделе објекти.
„Опозицијата има право да критикува и да измислуваме. Ние не паѓаме под такви измислувања. Ќе го прашате директорот, што знам јас таму. Тоа е сопственост на ЕЛЕМ и агенцијата Елем турс, ќе ги прашате и ќе ви кажат“, рече Мерко.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Села преку Фејсбук ја повика Владата веднаш да ја запрат нелегалната градба, а инспекторатот и обвинителството да преземат мерки против нарачателите.
Алсат вчера беше во автокампот Ливадиште. На пет парцели, во напредна фаза е изградба на објекти до самото езеро. Од Електрани кои се сопственици на земјиштето велат дека се работело за привремени објекти кои газдите на камп приколките ги граделе за ги заштителе приколките од временските неприлики. Од таму не кажаа кои се сопственици на камп приколките односно кој гради, но рекоа дека не е евидентирано дека градоначалникот на Струга, имал склучено договор за закуп на земјиште во АК Ливадишта.
Мики Трајковски