Случај „Тортура“, Обвинителството не понуди нови докази

Обвинителството не предложи нови докази во случајот „Тортура“. Обвинителот Љубомир Лапе посочи дека сите факти се утврдени – припадниците на тогашната специјална единица „Алфа“ знаеле дека Бошкоски не треба да биде легнат на земја, да го навредуваат и омаловажуваат. Дополнително Лапе посочи дека нема начин да се измери кој од полицијаците колку сила употребил. Вештачењето само покажало дека лидерот на Обединети за Македонија имал последици од начинот како бил лишен од слобода – душевно страдање од висок степен.
„Секое понатамашно предлагање докази од страна на обвинителството или одбраната сметам дека би претставувало суштествена повреда а особено од страна на обвинителството бидејќи би ни било дадено едно оружје плус“, рече Љубомир Лапе, обвинител.
Обвинителот денеска уште еднаш презентираше случаи водени пред Судот за човекови права во Стразбург, каде видео од нечовечно апсење е доказ за непотребна употреба на сила.
„Пресудите на Стразбург кои се задолжителни за македонските правосудни органи и сметам дека од таа пракса која ја издвоив а особено романскиот случај каде осомничен е легнат на земја без потреба, сметам дека е доволен доказ за сторување на делото“, додава Лапе.
Адвокатите на Сашо Мијалков и шесте „алфи“ обвинети за начинот на апсење на Бошкоски реагираа дека наместо да поднесе нови докази, од обвинителот слушнале само негово мислење. Одбраната за шест дена ќе се произнесе за денешните наоди. Иако на 17 – ти јуни Кривичен требаше да донесе пресуда, донесе одлука да го реотвори случајот оти не се утврдило кој од осомничените колку сила употребил при апсењето. Сега откако ќе заврши одбраната за „Тортура“ ќе има нови завршни зборови – по втор пат. Овој предмет два пати почнуваше да се суди од почеток – еднаш зашто поротник даде отказ а втор пат бидејќи поминаа 90 дена без да се закаже судење. „Тортура“ почна да се суди пред три и пол години.
Бојан Стојановски