ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Обвинителството собира докази за земјиштето спроти Холидеј Ин

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција прибира докази за постапката како бил изгалсан Деталниот урбанистички план спроти Холидеј ин и за продажбата на земјиштето каде сега ќе се градат висококатници. Предметот е во предистражна постапка и сè уште се работи на утврдување на одговорните лица и видот на кривичното дел – велат од Обвинителството.

Advertisements

„Целта на предистражната постапка е јавниот обвинител да обезбеди материјал врз основа на кој ќе може да оцени дали согласно прибавените докази има основи на сомневање дека определено лице сторило кривично дело и во таа насока да донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката односно дали ќе донесе наредба за спроведување на истражна постапка или ќе ја запре постапката“, наведоа од Обвинителството.

Актуелниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска рече дека не чувствува одговорност зашто во центарот на градот и покрај реакциите во јавноста ќе се градат висококатници. Според него одговорноста кај локалните власти.

„Не мора било која општина да тргне во насока на суспензија на одредени планови за да блокира нешто за да донесе нов план, туку може во било кој момент, денеска може да започне постапка за преработка, за доработка, за нов урбанистички план за таа локација. Можело тоа да го направи и претходно“, вели Бочварски.

Од Општина Центар каде веќе ја потпишаа градежната дозвола за градба на една од висококатниците тврдат дека ДУП-от се обиделе во неколкупати да го стопираат.

„Постоеле 3 обиди за блокирање на спроведување на предметниот план, првиот обид во 2017, еден во 2019 и третиот, оваа година со елаборатите за суспензија. Волја за стопирање на спроведувањето во општината постоела и ќе постои, но неопходна е искрена соработка со сите засегнати страни во процесот на урбанистичкото планирање“, велат од Општина Центар.

Во услови кога активистите реагираат за неплански градби и нелегални објекти, државата го стокмува законското решение со кое ќе се легализираат дивоградбите по 2011 година, решение кое претходно не го потпиша претседателот Стево Пендаровски. Министерот за транспорт Бочварски вели дека се прифатени забелешките на експертската фела, но се уште се размислува дали со законот ќе се дозволи да се легализираат и дивоградби кои почнале да се градат овој период или сепак во законот ќе има одредено временско ограничување. Колку дивоградби ќе се легализираат со овој закон не се знае бидејќи нема таков регистер.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button