
Соединетите Американски Држави и Русија се согласиле следната недела да започнат нови разговори за контрола на оружјето, објави денеска рускиот медиум „Комерсант“.
Како што пишува во извештајот, разговорите би требало да се одржат на 28 јули во Женева. Руската делегација треба да ја предводи заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Засега нема коментари од руски или американски официјални лица.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 30 јуни рече дека очекува преговорите да започнат до средината на јули.
На средбата во Женева на 16 јуни претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин се согласија да започнат разговори со кои ќе се постават темелите за идните мерки за контрола на оружјето.
Разговорите ќе се темелат на новиот договор СТАРТ, последниот голем договор за контрола на оружјето што остана меѓу Москва и Вашингтон.