
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека Олимписките игри во Токио треба да продолжат со цел да му покажат на светот што може да се постигне со правилен план и здравствени мерки. Говорејќи денеска во Токио пред Меѓународниот олимписки комитет, Тедрос Аданом Гебрејезус рече дека на светот му се потребни Олимписките игри „како прослава на надежта“.
„Олимписките игри имаат моќ да го зближат светот, да инспирираат, да покажат што е можно“, рече тој. Игрите во Токио започнуваат на 23 јули во услови на зголемена загриженост за безбедноста, при што пристигнаа илјадници странски спортисти и помошен персонал додека многу заразната варијанта делта на коронавирусот го зафаќа целиот свет.