Со „Отворен Балкан“ до отворени граници за движење на луѓе и транспорт на производи

Нула минути чекање на границите, нема царини, намалени административни трошоци и слободно движење на граѓаните од Албанија, Македонија и Србија низ овие земји. Лидерите на трите земји очекуваат дека со овие олеснувања заедничката економија би растела во просек од 2,5 проценти што за неколку години би придонело да се достигне растот што го имаат дел од земјите во Европската Унија. Пораките од Економскиот форум се дека барањата на бизнис секторот со потпишувањето на овој договор ќе се исполнат.
„Наша цел е сто проценти за сите стоки и роба да има слободна трговија, сто проценти за сите услуги да има комплетна соработка без било какви царини, сто проценти за движење и мобилност на луѓето на капиталот слободно исто како граѓани на С.Македонија тоа што го работи дома да го работи слободно во Ниш, Нови Сад, Серанда, Драч било каде во целиот регион“, рече Заев.
За премиерот на Албанија Еди Рама затворените граници нема да дадат економски раст како со овој потпишан договор. Слободниот транзит на стоки и услуги е еден од клучните фактори за раст на економијата.
„Ние не можеме да читаме бројки и факти пред нашите очи од експертите од нашите Влади туку читаме бројки од експерти, светски организации каде што се бара да се зголеми БДП кој што ќе можеме да го покачиме за 2,5 отсто само преку економско интегрирање, а доколку ние го постигнеме нивото кое што беше договорено преку ЕУ за слободна трговија тогаш порастот може да биде 6,7 проценти. И зошто да ја оставиме настрана оваа можност и да не искористиме ваков пораст седејќи во затворени места“, рече Еди Рама- Премиер на Р. Албанија.
Сепак за реализација на Отворен Балкан допрва следува усогласување на различните системи, менување на закони за кои мора напорно да се работи во следниот период порача претседателот на Србија Александар Вучиќ.
„Ќе има 6 до 9 проценти пониски оперативни трошоци зошто нема запирања помеѓу земјите што и да продавате што и да купувате едноставно не застанувате на граница. Тоа не е лесно да се направи зошто треба многу работи предвреме да се направат. Мора да се направи пристап кон решавање прашања за ДДВ за да можеме сите да си овозможиме едни на други овие одлуки да ги спроведеме но тоа е спасот на нашето стопанство“, рече Александар Вучиќ- Претседател на Р. Србија.
Покрај отворените граници, земјите ќе имаат и унифицирани регистри за потребите на пазарот на труд. Ова би значело дека земјите ќе може да си разменуваат потребен кадар за работните места кои се дефицитарни. Бизнисмените долг период апелираа дека потребно е олеснување на издавањето на работни дозволи за престој за што добија ветување на Економскиот форум дека ќе се менуваат закони.
Андреа Чобанова