Поранешни дипломати го поздравија изгласувањето на Резолуцијата

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев смета дека е добар потег што партиите ја изгласаа во Собранието резолуцијата за црвените линии во преговорите со источниот сосед. Наместо нов проблем, Ѓорчев смета дека документот ќе отвори нови хоризонти за решавање на спорот помеѓу двете држави. Со резолуцијата, според Ѓорчев се испраќа порака, дека земјава нема да попушти во преговорите наспроти надежите во Бугарија за прифаќање на нивните услови.
„За прв пат Бугарија ќе има јасна ситуација кои се црвените линии на Република Македонија и дека преку тие црвени линии сигурно како членки на НАТО и двете држави ќе се обидат со помош на структурите во НАТО да ги реализираат оние безбедносни коридори, Коридорот 8, енергетски коридори што значат безбедност. Токму затоа сметам дека оваа резолуција е многу важна и таа ги антиципира европските вредности“, вели Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Бугарија.
Ѓорчев е убеден дека на Бугарија најмалку и одговора статус кво ситуацијата и тапакањето во место на земјава на патот кон ЕУ. Но сепак според него Бугарија има простор за маневар и очекува таа да ги блокира и следните два претседателства на Советот на Европа. Но и покрај тоа за екс амбасадорот во Бугарија, не постои спор на релација Софија – Скопје, бидејќи ниту една држава во современа Европа не може на друга да и оспори државотворност, јазик, идентитет, култура и нација.
„Од технички аспект можеби ќе помине претседателството на Словенија, уште едно претседателство. Бугарија ќе бара начин да ги претстави своите ставови. Но тие ставови се неодбранливи од европска димензија и кога и да е ќе мора да се разбере дека колку пати да го повторуваат ветото, со секое вето тие ќе губат доверба како Република Бугарија од европските партнери“, додава Ѓорчев.
Вчера со 95 гласа „за“ во Собранието се изгласа резулуцијата со која се поставуваат црвени линии во разговорите со Бугарија. Документот го поднесе ВМРО – ДПМНЕ а го поддржа и власта. Истиот предвидува дека за македонскиот идентитет и јазик, ниедна влада нема право да преговара.
Бојан Стојановски