Ахмети даде исказ пред обвинител за „Попис“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети утринава предвреме дојде на распит во СЈО. Осомничениот лидер на владејачката партија, сам побарал и добил можност порано да биде испрашан во обвинителството, бидејќи имал други обрски. Кога новинарските екипи прситигнаа пред зградата на СЈО пред 10 часот, можеа само да го снимаат возилото со кое Ахмети замина.
Лидерот на ДУИ Ахмети еден час се задржа во Специјалното обвинителство. Тој во тоа време се бранел од истрагата за пропаднатиот попис во 2011 година.
Од ДУИ нема дополнителни информации за што бил исказот на Ахмети, а од Обвинителството велат дека активно се работи на истрагата. Овој предмет СЈО го отвори пред две години.
Според информации на Алсат, Ахмети денеска не побарал увид во доказите. „Попис“ е првиот предмет на СЈО против функционер на ДУИ.
Освен Ахмети, во овој предмет осомничен е и пребеганиот експремиер Никола Груевски за пропаднатиот попис кој го организираше владата на ВМРО – ДПМНЕ и на ДУИ. Според обвинителство, со стопирањето на пописот Груевски и Ахмети направиле штета на буџетот од 2,8 милиони евра.
На Ахмети ситуацијата во истрагата му е олеснета, бидејќи со новиот Закон за обвинителство не важат прислушуваните разговори, а тие беа основа за отворање на истрагата. И додека обвинителството ги расчистува случајот со пропаднатиот попис во 2011 година, Ахмети повторно се подготвува за пописна операција, овојпат со коалициониот партнер Зоран Заев.
Пописот на населението треба да се одржи во април догодина. Последен пат попис во државава имаше во 2002 односно пред цели 18 години.
Игор Стефановски