Заев и Мицкоски во опожарените подрачја

Премиерот Зоран Заев го прекина годишниот одмор и направи обиколка на опожарените подрачја во Малешевијата. Од најкритичната точка над селото Будинарци, Заев уверува дека државата ќе се справи со пожарите кои ги зафати земјава. Апелира на максимална внимателност и строго почитување на забраната за влез во шумите, за да се спречи појава на нови пожари.
„…Веќе се поднесени пет кривични пријави за пет случаеви. Рака на срце три од нив се ненамерно предизвикани пожари, двата се веројатно намерно предизвикани, тоа истрагата и обвинителството ќе го утврдат, тие се процесуирани и секако казните се огромни“, рече Заев.
И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски денеска ќе прави обиколка на опожарените места. Тој обвини дека Владата ги оставила граѓаните на цедило бидејќи немала никаква координација за поефиксно да се справи со пожарите.
„…Граѓаните се исплашени и под притисок. Имаат чувство дека се оставени на цедило. Сакам да направам јасна разлика и да потенцирам дека народот, пожарникарите и службите кои се на терен и помагаат, ја имаат мојата помош и поддршка, но она што недостасува е отсуството на институционално раководење со тие сили“, рече Мицкоски.
Бројката на осомничени лица поради сомневање дека предизвикале пожар се зголеми на шест. Од МВР информираа дека три лица утринава биле лишени од слобода откако биле осомничени дека предизвикале пожар кај селото Страхојадица кај Скопје.
Андреа Чобанова