Мицкоски задоволен од „фингерпринтот“, албанската опозиција бара слободни локални избори

Иако почнаа да течат роковите за локалните избори на 17 октомври, сепак не е јасно дали ќе се направат измени во Изборниот законик. Предлозите, кои ги вклучуваат некои од препораките на ОБСЕ-ОДИХР, се во парламентарна процедура, блокирани се со стотици амандмани од помалите партии. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, вели дека се подготвени да ги поддржат измените на Изборниот законик, но додава дека проблемот лежи во владата, каде што нема договор во рамките на коалициските партнери.
Тој смета дека гласањето со отпечатоци од прсти е завршена работа и е голем чекор за демократијата во земјава. Сепак, тој ја повика меѓународната заедница да ги набљудува изборите бидејќи вели дека веќе има обиди за манипулација со гласачите од страна на власта.
За албанската опозиција, поднесувањето на предлог-законот за измена на Изборниот законик е одговорност на власта.
„За нас е многу важно да ги вклучиме препораките на ОБСЕ-ОДИХР во новиот предлог-закон. Што се однесува до постапката кога законот ќе биде одобрен или кога ќе биде изготвен, тоа е одговорност на Владата и тие треба да одговараат. За нас е важно изборите да се одржат во законскиот рок и да бидат кредибилни, демократски и слободни“, рече Шефик Дураки, Алијанса за Албанците.
А, поради тоа што Собранието ќе престане да работи за време на изборната кампања од крајот на септември, СДСМ смета дека измените на Изборниот законик може да се направат во текот на август.
Од ДУИ велат дека е добро што изборите се одржуваат со изменет Изборен законик.
„Ако е неопходно да се донесат измени на Изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, бидејќи тие се коректно барање на ЕУ и меѓународната заедница, што би се одразиле во есенскиот извештај, тогаш зошто сите ние да не се мобилизираме и да донесеме измени на Изборниот законик, кои би биле во согласност со препораките на нашите меѓународни пријатели“, рече Артан Груби, ДУИ.
По распишувањето на изборите, претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека не верува оти партиите ќе инсистираат на промена на изборните правила и предложи да нема такви процеси. Предложените измени на Изборниот законик кои се во собраниска процедура вклучуваат отворени листи за советници, изборен праг од 3% за избор на советници, обезбедување потписи од 2% од избирачите од избирачкиот список за независни кандидатури и неколку други измени.
Мефаил Исмаили