ВМРО и СДСМ си докажуваат кој ќе победи, а кој ќе загуби на изборите

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прозва владејачкиот СДСМ дека сè уште нема кадидати за градоначалници во големите општини зашто, според нив, никој не сакал да ги загуби изборите. Тврдат дека според анкетите, СДСМ губи.
„СДСМ сè уште нема кандидат за градоначалник на Велес затоа што никој не се нафаќа да биде жртвено јагне. Неколку видни членови веќе го одбиле раководството на СДСМ затоа што не сакаат да трчаат однапред изгубена трка во Велес. Во меч без ракавици не сака да оди никој и во Прилеп“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во ВМРО-ДПМНЕ мака мачат со кандидати, одговараат од СДСМ. Велат дека понудата им е „од немај каде“ затоа што, според нив, ги очекува пораз на локалните избори. Сметаат дека кандидатите не им се нови, туку луѓе од режимот на Груевски.
„Од ВМРО-ДПМНЕ не слушнавме кандидат за градоначалник во Град Скопје и тоа само покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има многу мала доверба во главниот град и тоа го знаат. Ние сме прва партија во земјава која што уште на 17 јули ги објави првите 30 кандидати за градоначалници“, велат од СДСМ.
И додека траат партиските препукувања, се прават коалициските комбинаторики. Следнава недела се очекува официјализирање на поддршката меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, иако од Алијансата за Алсат велат дека преговорите сè уште се во тек.
„Разговараме за моделот на соработка и општините каде соработката би била поуспешна и поплодна. Ќе поддржиме кандидати кои имаат интегритет и се прифатливи за сите заедници и кои ќе имаат јасна визија и програма за развој на општините и обезбедување на достоинствен и пристоен живот за граѓаните“, нагласиа од Алијанса за Албанците.
Инаку, актуелната владејачка гарнитура СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА најавија и изборна коалиција. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неколку наврати рече дека во дел од општините меѓусебно ќе се поддржат уште во првиот, а во дел во вториот круг.
Алсат