МАКЕДОНИЈА

Газди на локали посилни од законите

Концерти, журки, турбо – фолк забави… Саботната вечер, освен кривични пријави за локалите, донесе и кршење на протоколите за заштита од корона вирусот. И покрај кривичната пријава и решението дека не смее да работи поради непочитување на здравствените правила, имаше нова свирка на црногорскиот пејач Владо Георгиев во кафулето „Мош“.

Advertisements

Видеото покажува дека гостите, немаат маски ниту пак соодветна дистанца. Иако за „Мош“ има решение да биде затворен, истиот работи оти инспекторката која ја вршела контролата била во изолација. И денеска локалот беше отворен и имаше гости кои го пиеја попладневното кафе.

Освен „Мош“, забава без почитување на протоколите имаше и во локалот „Гнездо“. Казнет е и овој објект.

И во Битола не се почитуваа здравствените протоколи.

Жива свирка синоќа имаше и во струмичкиот клуб „Аватар“ кој веќе има две кривични пријави за непочитување на протоколите. Забавата беше без маски.

Државниот пазарен инспекторат иако пишува казни на терен, газдите на локалите не се премногу загрижени. Се соочуваат само со парични казни. Ги гонат по член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Член 206 од Кривичен законик:

„(1) Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(2) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“

Па така, таму каде пазарните инспектори затекнале непочитување на протоколите, пишуваат само парична казна која изнесува од 2 до 4 илјади евра. Опозицијата во постојаното прекршување на здравствените правила поради КОВИД 19 на одредени локали препознава дека тие газди се заштитени.

„За жал секогаш, има некој од власта, кој што на било каков начин го трга сето тоа на страна и им помага на одредени локали“, рече Димче Арсовски, ВМРО – ДПМНЕ.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, доставил иницијатива до Инспекцискиот совет со која бара зголемување на ингеренциите на инспекторите. Стојко Пауновски за Алсат објаснува дека целта е освен кривична пријава, доколку еден локал по втор пат ги прекрши здравствените протоколи, инспекторот да може веднаш да го затвори објектот.

Само синоќа Пазарниот инспекторат напишал 19 казни и уште толку опомени. Дополнително, напишани се и седум пријави за ресторани кои организирале свадби. Од Владата велат дека до нив не е пристигната иницијативата на Државниот пазарен инспекторат, но дека кога ќе стигне ќе се разгледа и ќе се одлучи дали ќе иницираат законски измени во Собранието за поголеми овластувања. Измените се гласаат со просто мнозинство.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button