Тетово бара да се одложи стартот на новата учебната година

По влошувањето на состојбата со заразени од Ковид 19 во Полошко, кризниот штаб на општина Тетово на денешната средба побара од владата да го одложи почетокот на учебната година и сите просветни работници да се вакцинираат или постојано на свој трошок да прават ковид-тестови.
Имајќи ја предвид влошената епидемиолошка состојба во Тетово и Полог, кризниот штаб и Министерството за образование, исто така, побараа одложување на почетокот на учебната година со физичко присуство за три недели за сите нивоа на образованието, основно, средно и високо. Апелираме до другите општини во Полог да го поддржат ова барање. Исто така, бараме целиот образовен и технички персонал во основните и средните училишта да се вакцинира до почетокот на учебната година, а по овој рок секој втор ден да се бара да покажат доказ за брз негативен тест, а трошоците да ги подмируваат сами на секои 72 часа – изјави Теута Арифи, шеф на кризниот штаб.
Брзи тестови во Тетово сега може да се направат и во домот за јавно здравје. Од друга страна, денеска започна отворањето на нови центри за вакцинација. Сепак, на постојните и понатаму има долги редици. Од утре почнува со работа пунктот за вакцинација во Домот на АРМ и оној во село Порој кој ќе работи во две смени.
„Оваа недела се очекува да се отвори уште еден центар во центарот на градот, тука во Центарот за култура, кој ќе биде само за ревакцинација“.
Заменик-министерот за здравство, по состанокот на кризниот штаб, препорача да се почне со вакцинација за деца од 12 години.
Неколку пати реков дека единствен спас од оваа пандемија е вакцинацијата, нема друг излез. И тоа масовна вакцинација на населението. Откако дојде заклучокот дека со „Фајзер“ можат да се вакцинираат и лица од 12 до 18 години, ние како министерство за здравство тоа го прифативме. Со оглед на фактот дека вирусот бара терен дури и кај помлада возраст, апелирам до сите родители и млади во средните училишта да се вакцинираат – нагласи Илир Хасани, Заменик-министер за здравство.
Инаку, во Полог до денес бројот на вакцинирани достигна околу 50.000 со една доза, а со две дози има околу 40.000 лица.
Башким Сулејмани