ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кичеец бил на слобода поради проблеми со срцето

Шесттемина учесници во сообраќајката на патот Гостивар – Кичево се во стабилна здравствена состојба. Тие се хоспитализирани во одделението за трауматологија на Ургентниот центар. Имаат повреди на рацете и на нозете, а на еден од повредените веќе му е оперирана десната бутна коска. Во сообраќајката учествуваше и осуденикот во случајот „Рекет“, Зоран Милевски – Кичеец, кој според МВР, управувал со возилото „Мерцедес“. Тој нема никакви скршеници, туку само гребнатинки и се пожалил на болки во стомакот. Од утре се очекува да биде пуштен на домашно лекување.

Advertisements

Во четврток Кичеец сепак ќе мора да се врати во струшкиот затвор, бидејќи дотогаш му важи слободата од 30 дена дадена од Управата за извршување на санкции за да се лечи. Од Управата соопштија дека тие 30 дена нема да му се пресметуваат во издржување на казната, а Кичеец на шести и деветти август доставил специјалистички извештаи од лекарски прегледи од Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ – Охрид. Имал тахикардија, болки во градите, а кај него била забележана видлива психомоторна агитација, немир, по психички и физички стрес.

„Дијагнозата за која специјалистот навел дека е потребно да се продолжат медицински иследувања е ,,Суправентрикуларна тахикардија“, наведоа од Управата за извршување на санкции.

Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека нема ништо спорно што Кичеец излегол од затвор на 30 дена поради медицински причини.

„Ова не е ниту прв ниту последен затвореник којшто ги користел овие поволности врз база на оправдана медицинска документација и согласно законот и претходно одобрение и на директорот на затворот каде што ја издржува казната и на директорот на управата за извршување на санкции коишто се надлежни да даваат допусти за прекин на издржување на казната“, рече министерот Маричиќ.

Првиот полицаец најавува дека МВР ќе утврди кој е виновен за сообраќајката. На полицијата веќе им е познато кои се српските државјани, а проверуваат дали со потерница ги бара друга држава.

„Да ги имаме ние нивните идентитети, се работи на тоа ако има било каква поврзаност со нешто сомнително дополнително за тоа ќе се преземат мерки“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Кичеец откако призна вина доби затворска казна од три години во случајот „Рекет“. Тој во предметот беше третообвинето лице покрај Бојан Јовановски и екс – шефицата на СЈО, Катица Јанева, кои се осудени на девет, односно седум години затвор.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button