Заев оптимист за договор со Бугарија после изборите, експертите скептични

Премиерот Зоран Заев смета дека позитивните пораки што доаѓаат од Софија може да бидат добра можност за решавање на спорот меѓу двете земји по локалните избори кај нас и после парламентарните и претседателски избори во Бугарија на 14 ноември.
Бугарскиот технички премиер Стефан Јанев во интервју за бугарските медиуми вчера изјави дека по изборите во Бугарија, дијалогот меѓу двете земји може да добие друго значење и динамика. Тој додаде и дека треба да се бара договор во интерес на иднината на двете земји за да не останат во минатото. Но, професорот Ненад Марковиќ во Скопје е скептичен дека може да се постигне брз договор меѓу двете земји. Тој за Радио Слободна Европа искоментира дека единственото нешто што може да помогне е меѓународен притисок врз Софија.
Според светскиот медиум “Financial times”, Словенија, која претседава со Европската унија ѝ предлага на ЕУ полноправно членство на земјите од Западен Балкан до 2030 година. Предлогот бил поднесен пред неколку денови на состанокот на амбасадорите на државите-членки, но тоа предизвикало реакција кај некои од нив кои сметале дека тоа не е реално со оглед на економските и политичките предизвици во регионот. Самитот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе се одржи на 6 октомври во Словенија.
Фатлуме Дервиши