Нивото на Охридското езеро 4 сантиметри пред минималната кота

Надлежните со години не ги слушаат нашите апели повеќе да не се игра со нивото на Охридското езеро, алармираат хидро-биолозите коментирајќи го актуелното ниско ниво на водата. Тоа вештачки се регулира преку испустот кај браната на Црни Дрим во Струга, многу често според потребите за производство на струја. Деновиве нивото на езерото е на само 4 сантиметри од минимално дозволената кота од 693,10 метри надморска височина. Проблемите за живиот свет покрај брегот настануваат ако осцилациите на езерото не се природни.
„Доколку дојде до нарушувања до овој дел од езерото, се одразува врз бројот на популации, врз животниот циклус на животните и растенијата и може да доведе до исчезнување на одредени растителни и животински видови“, изјави Орхидеја Тасеска-директорка на Хидробиолошки институт.
Хидрологогот Александар Ангеловски пак, вели дека последниве дваесеттина години има проблем со менаџирање со водните ресурси и неприлагодување кон климатските промени.
„И веќе ги чувствуваме последиците, некоординација или ако сакате повеќе несоработка помеѓу институциите и тоа ЕСМ,УХМР, Водостопанство Македонија, Хидробиолошки завод, во поново време ДЗЦ и ЦУК, па имаме поголемо испуштање на водата кога не е време…“, нагласи Александар Ангеловски, Хидролог.
Но, од државните електрани ЕСМ велат дека моменталното ниво на Охридското езеро е последица на сушната сезона и малите дотеци на вода. Актуелно се испуштале само 4 метри кубни во секунда. Причина за намалување на нивото, велат оттаму, било и најголемото досега регистрирано испарување на водата како последица од големата разлика на температурите во изминатите месеци.
Мики Трајковски