Намален бројот на активни и починати лица од коронавирусот

Во текот на оваа недела забележан е намален број на починати лица од коронавирусот во земјава. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, вчера се направени 4.962 тестирања, регистрирани се 344 нови случаи на Ковид-19, а починати се шест лица.
Заклучно со вчерашните податоци, во Северна Македонија има 6.967 активни случаи, од кои најголем број се во Скопје – 3.461, потоа во Куманово – 629, а на трето место е Тетово – 186.
Податоците на Министерството за здравство, покажуваат дека опфатот со вакцинација со една доза на полнолетната популација е 47, а со две дози 44 проценти. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти примила две дози вакцина.
Од петокот е затворен пунктот во салата „Борис Трајковски“ и сега за вакцинација функционираат седум поликлиники во рамки на Здравствениот дом Скопје, во две смени. Филипче претходно оваа недела информираше дека вакцини има доволно – на располагање се околу 260 илјади дози „Фајзер“, 45 000 дози „Синовак“, 100 илјади дози „Астра Зенека“.
Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Следејќи ги искуствата на европските земји и САД, Комитетот за имунизација препорача трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од Ковид-19, поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.
Според резултатите од истражувањето на Евробарометар, четири земји-членки на Европска Унија – Бугарија, Литванија, Хрватска и Словенија се најнезаинтересирани за вакцинација против Ковид-19. Околу 25 отсто од испитаниците во овие држави изјавиле дека никогаш нема да се вакцинираат. Во Бугарија нивниот процент е 26, во Литванија и Словенија – 24, а во Хрватска 22 отсто се изјасниле дека не сакаат да се вакцинираат.
Повеќе од половината испитаници во 22 земји-членки на ЕУ потврдија дека сакаат да се вакцинираат што побрзо или дека веќе се имунизирани. Најмногу вакцинирани се во Малта, Холандија и Ирска – 87 проценти, потоа следат Белгија – 86, Шпанија – 85, Шведска – 84 и Данска со 83 отсто.
Досега во Северна Македонија се направени вкупно 1.319.879 тестирања за Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 194.575, бројката на оздравени пациенти е 180.791, на починати е 6.817.