Драстично е намален бројот на ученици во гимназиите во Струга

Младите стружани се повеќе се запишуваат во средното стручно образование наместо во гимназиското образование. Па така оваа учебна година, има шеесет ученици помалку во однос на ланската во гимназијата „Ибраим Темо“.Тоа придонесе да дојде и до намалување на бројот на паралелки. На албански настава следат 64 ученици во прва година, во однос на ланските 100, додека на македонски, само 38 деца, каде една паралелка брои и по само 12 ученици.За една деценија бројот е за неколку стотина ученици намален.
„Гимназијата во својот врв имаше пет македонски и девет албански паралелки.Тоа беше 2010 година.За десет години прво мора да кажеме, дека многу народ се отсели,што по мене е главна причина.Покрај тоа што се отсели одат и во стручното образование.Ние испративме минатата година шест албански и четири македонски, годинава имаме пет албански и три македонски паралелки и мислам дека 60 ученици е многу висока стапка“.
Една од причините меѓу другото за ваквата ситуација е што Министерството за образование оваа година не дозволило во гимназиското образование да се запишуваат ученици со помалку од 60 поени.Професорите велат дека ако ваквиот тренд продолжи, тоа ќе биде лошо за сите.
„Тој што треба да се плаши за губење на работни места,секако тоа треба да бидат политичките партии. Пред се Владата која треба да се грижи никој да не остане без работа. Но некој ако остане без работа ќе најде некое решение, а најлесното решение е да заминеш од земјата. Ако заминеш од земјата, тогаш нема да има деца и нема да има перспектива ова земја. Така да релативно е тоа колку од нив ќе останат без работа“.
Од друга страна во средното стручно училиште Нико Нестор во Струга, велат дека годинава наполниле паралелки со ученици во насоки, за кои што до лани имало помал интерес.
„Во одредени профили годиниве наназад сме имале затајување, односно запишување на помал број на ученици. Имаме прехранбен техничар за прв пат од годинава и тоа дуална паралелка. Имавме голем интерес за таа паралелка се пополни уште во прв уписен рок,25 ученици. Годинава имаме зголемување и во електро техничката струка. Имавме доста јака конкуренција, скроз одлични ученици,конкурираа уште на првиот уписен рок“
Во Нико Нестор годинава има зголемување за педесет ученици повеќе во однос на минатата година.Тоа велат се должи и на воведувањето на дуалното образование во дел од насоките,а секој запишан ученик во овие паралелки добива стипендија од 3500 денари месечно.
Miki Trajkoski