Детското одделение во охридската болница со преполовен кадар

Охрид би можел да остане без детско одделение, а со тоа и без болничко лекување за најмладите, предупредуваат лекарите. Четворицата педијатри со колку што во моментот располага овој оддел, се во поодминати години. Тројца од нив се пред пензија, а двајца заминуваат после Нова Година. На еден лекар му доаѓа да дежура по 24 часа на секој четврти ден. Но, ќе нема кој да ги наследи, бидејќи нема млади педијатри. Дополнително, проблемот деновиве ескалира, затоа што двајца од докторите се на боледување, па двајца дежураат по 24 часа секој втор ден. Велат дека повеќе не можат физички да издржат и оти се на крај од силите. Контактирале со раководството на болницата и се бара решение со можно пополнување со лекари од Струга. На ваквата состојба реагираат и матичните педијатри.
„Ние тоа го предвидовме. Направивме анализа и тоа им го предочивме на структурите уште пред 10 години. Но, за жал никој не презеде сериозни мерки, тоа да се спречи. Затоа што во вакви ситуации излегуваат раните. Беше предвидено дека ќе дојде до оваа ситуација. Колегите на детското одделение се преоптоварени. Со оглед на тоа дека сме и во пандемиски услови, за жал имаме и многу деца болни и навистина им е многу тешко и физички не можат да издржат“, рече Никола Филев, матичен педијатар.
Директорот на болницата Горан Балески, вели дека се бара решение со ротација на лекари од одделот за неонаталогија или пак ќе бараат лекари од други болници.
„Кадарот е постар на детско одделение. Огромен е напливот на детско одделение. Тој проблем не можеме наеднаш да го решиме. Тоа е долгорочен проблем. Младите не ги сакаат, тоа се специфични гранки, тешки гранки. Најголем проблем е некој да натерате да оди на педијатрија и анестезија. Ние и специјализација имавме одобрено, меѓутоа немавме кадар, не се пријави. Само една докторка се пријави, која ќе оди на специјализација“, вели Балески.
Филев вели дека и примарната здравствена заштита во Охрид ќе остане без педијатри, затоа што и таму речиси сите се пред пензија. Дополнителен проблем е што во Охрид матичните лекари не работат за време на викендите, па притисокот врз болницата е уште поголем. Ваквата состојба создава гужви особено во текот на летната сезона, кога доаѓаат пациенти и од други градови, па за преглед се чека и по два часа, бидејќи на смена се по еден лекар и две медицински сестри.
Мики Трајковски