
Со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции, рече денеска гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Сега проектираната инфлација е 2,2 проценти.
„Судејќи ги најновите остварувања кај инфлацијата, како и проекциите, особено за движењето на цените на храната и енергијата, најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата. Тоа ќе биде направено со новиот цикулс на макроекономски проекции кој е во фаза на финализација“, изјави Ангеловска-Бежоска по настанот посветен на проектот за зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија.
Инфлацијата, како што додаде, засега се очекува да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд.