Општините бараат повеќе овластувања во контролата и уривањето на дивоградбите

Спречувањето на дивоградбите ќе биде поефикасно кога, покрај централната власт, Град Скопје и општините ќе имаат соодветни надлежности и институции за контрола и уривање на дивоградби. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вели дека очекува да биде одобрен законот за формирање на општинска полиција и стекнување на дел од надлежностите против дивоградби.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, вели дека досега во оваа општина се урнати голем број дивоградби. Исто така, најавува уривање и на другите објекти.
Според извештајот на Државниот завод за статистика, само минатата година изградени се 866 дивоградби низ целата земја, од кои 153 во главниот град. Пред неколку дена, Државниот инспекторат за градежништво достави извештај до Владата во кој утврди дека кај пет објекти во Старата чаршија на Скопје има неправилности во изградбата и реконструкцијата на објектите. Сепак, Владата сè уште не го разгледала овој извештај.
Мефаил Имсили