ВМРО со поддршка за албанската опозиција и за Максим Димитриевски

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска одлучија. Во вториот круг на локалните избори на 31 октомври ќе ги поддржат кандидатите за градоначалници на Алијанса на Албанците и Алтернатива и сите други кои се дел од опозицијата. Најавена е и поддршка за Максим Димитриевски во Куманово. Потпретседателот на ВМРО, Александар Николоски, повика на обединување на сите кои се против политиките на власта, без разлика на нивната политичка, етничка и религиозна припадност.
„Мора да ги срушиме ѕидовите на поделби и омраза, наметнувани од власта. Затоа е потребна мобилизација, излезност и народно обединување на граѓаните. За таа цел ВМРО-ДПМНЕ, ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса на Албанците и Алтернатива…. Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или дека се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ. Но, повикуваме отворено, да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта“, рече Александар Николоски-потпретседател на ВМРО ДПМНЕ
-Тоа значи дека и Максим Димитриевски во Куманово ќе бидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ?
„Секаде, онаму каде што има кандидати кои се борат против власта, така е и во Куманово, поддршката на ВМРО-ДПМНЕ оди за тие кандидати“, вели Николоски.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ денеска во Охрид го прослави 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Мики Трајковски