Ученици од Горно Нерези со километри пешачат ден и ноќ за на училиште

Над 30 ученици од основните и средните училишта од Горно Нерези во Општина Карпош се соочуваат со недостиг на јавен превоз речиси секој втор ден. За да стигнат до основното училиште „Влазрими“ во Нерези, пешачат до 7 километри. Екипата на Алсат ги придружуваше учениците бидејќи автобусот со број 28 повторно не дојде до Горно Нерези.
„Најголем проблем е што сега се ближи зимата и не можеме да одиме бидејќи има многу снег, а кога врне накиснуваме. Тука има кучиња, диви животни, особено навечер е многу страшно“, вели една ученичка.
„Тешко е, мора да одиме пеш. Кога ќе завршиме во 6 часот попладне, треба да чекаме до 7 часот“, додава друга ученичка.
Поради немањето превоз многу средношколци доцнат на часовите или пропуштаат дел од наставата.
„Доцниме, им кажуваме дека нема автобус и нашите отсуства се оправдани. Не можеме секој ден да одиме со кола, има трошоци. Последните два часа ги оставаме бидејќи нема автобус. Пропуштаме настава, не сме на час, мора да се вратиме дома затоа што ако не дојдеме, нема автобус“, вели еден ученик.
Жителите на Горно Нерези револтирани раскажуваат дека мора сами да се организираат за да ги донесат децата дома после наставата.
„Од тука до училиште има 7 километри. Ако одиш и се враќаш пеш, тоа се 14 километри. Верувајте – одат пеш. Некои од нас, иако не се наши деца, ги земаме и ги праќаме со кола, но тоа не е решение, не сме секогаш слободни, имаме секојдневни обврски“, вели Сами Демири, Жител на Горно Нерези.
Од Јавното сообраќајно претпријатие не одговорија на прашањата на Алсат зошто нема автобуси и во што е проблемот.
Мелихате Рустеми