Претседателот на Собранието официјално го прими Извештајот на ЕК за напредок на земјава

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир денеска на претседателот на Собранието, Талат Џафери официјално му го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија. Средбата се одржа денеска, заради службено отсуство на Џафери, кој минатата недела учествуваше на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа во Атина.
– Извештајот беше оценет како позитивен, објективен и реален во однос на Собранието, како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии. Соговорниците се осврнаа и на процесот на Дијалогот „Жан Моне“ и на целите кои што се постигнаа, како и на очекувањата од следниот циклус на Дијалогот, нагласувајќи ја важноста од активно вклучување и интерес за процесот на сите политички партии во Собранието, се посочува во соопштението од Собранието.