ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Бектеши уверува дека од 1 јануари нема да има нов ценовен шок

Владата нема да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор. Смета дека состојбата со производството на електрична енергија е стабилна. Цената на струјата за граѓаните е загарантирана само до Нова Година, а од први јануари министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека нема да има нов ценовен шок. Денеска тој кажа дека нема информација за колку се зголемени трошоците за набавка на струја на компаниите на слободниот пазар, иако информациите велат дека тие надминуваат и 50 отсто. Доколку пропадне и по втор пат тендерот за набавка на јаглен за третиот блок од РЕК Битола, тогаш ЕСМ ќе биде приморана да купи струја по цена која е за повеќе од пет пати повисока од онаа која ја произведува и дава на универзалниот снабдувач.

Advertisements

„Следната година треба 65 отсто од потребите на домаќинствата да ги снабдува ЕСМ преку ЕВН ХОУМ, но ние и оваа година и наредната година планираме да не бидат 65 отсто, туку да бидат 100 отсто, што значи дека на некаков начин ќе има субвенционирана цена и за малите потрошувачи и за домаќинствата“, вели Бектеши.

По состанокот во Министерството за економија претставниците на енергетските компании од земјава и експертите не застанаа до министерот да дадат гаранција дека зимава ќе има струја. Бектеши вели дека сите биле согласни дека нема потреба од прогласување на кризна состојба, но директорот на ЕСМ Васко Ковачевски со брзи чекори се обиде да ја ги избегне новинарските екипи и да влезе во своето службено возило. Само ни соопшти дека било договорено деталите да ги соопшти министерот Бектеши.

Од денеска е активиран вториот блок на РЕК Битола, а властите се обидуваат да набават и мазут за активирање на ТЕЦ Неготино. Колку државни резерви на јаглен има во моментов Бектеши не кажа. Тој смета дека МЕПСО треба да се помогне со пари од државниот буџет се со цел компанијата да остане ликвидна. Во случај да се прогласи кризна состојба за струја, прво ќе почне да се гасат канделабрите и останатото улично осветлување, се со цел да се заштеди струја за домаќинствата. Последен пат ваква кризна состојба во Македонија имаше прогласено Владата во 2012 година кога министер за економија беше Ваљон Сарачини.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button