Борисов: За наша поддршка бугарското малцинство мора да биде впишано во Уставот

За да има наша поддршка за РСМ, бугарското малцинство мора да биде внесено во Уставот на С Македонија, рече поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со претставници на бугарските организации во Македонија.
„Северна Македонија нема поблизок пријател од Бугарија. Треба да најдеме начин да ги поправиме нашите односи. Целиот демократски свет ѝ се смее на нашата лоша дипломатија. За нас е важно Северна Македонија да влезе во ЕУ“, додаде тој.
Како што објави Борисов на својот фејсбук профил „претставниците на бугарското малцинство во Северна Македонија“ му се пожалиле дека се чувствуваат како фантоми бидејќи „претседателот и премиерот на Северна Македонија со нив се однесуваат така како да не постојат“.
„Пред нив реков дека гарантирам со моето име дека нема да имаме разговори со Северна Македонија додека бугарското малцинство не биде внесено како такво во Уставот. Тие знаат дека нашата поддршка како власт или опозиција за нив зависи од признавањето на бугарското малцинство. За тоа веднаш се разбрав со Еди Рама, истото го очекувам и од Зоран Заев. За Бугарија е исклучително важно Северна Македонија и Албанија да се во Европската Унија“, пишува во објавата Борисов.
Борисов вели дека е убеден дека проблемите меѓу двете земји не се нерешливи, сè додека има волја од двете страни и им порача на претставниците на бугарските организации во Македонија дека тие се мостот за пријателство.