Битка за градоначалник на Скопје до последниот ден од кампањата

Двајцата кандидати за градоначалник на Град Скопје кажаа дека в недела гласот на граѓаните е одлучувачки. Актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов повика на обединување. Тој вели дека гласот за него, значи и поддршка за идно развивање на градот, а потсети дека парите за проектот „Скопје 2014“, наместо за барок, биле пренаменети за реконструкција на средни училишта.
„Ајде да се обединиме за прогресот на Скопје. Секој глас е важен. Секој глас одлучува. Да не дозволиме Скопје да се врати назад и наместо да вложуваме во едукација во едукација и образование, повторно да се трошат пари во камен, стиропор и бронза. Вие одлучувате. Скопје мора да продолжи напред. Нашите деца, нашите внуци, нашите сегашни и идни генерации, меѓутоа и ние скопјани, го заслужуваме тоа“, рече Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Скопје.
Независната кандидатка за градоначалничка, Данела Арсовска, која е поддржана од ВМРО – ДПМНЕ, во видео-обраќање ги нагласи главните проекти. Тоа се регулиран сообраќај, бесплатен јавен превоз, чисти улици, заштитени зелени зони, функционални јавни услуги…
„Јас не сум политичар, јас сум менаџер. Но, пред сè, јас сум граѓанин во овој град. И мене како и на Вас ми е преку глава од политичари кои се грижат повеќе за сопствената политичка кариера, отколку за нас граѓаните. И мене како Вас ми е преку глава од празни ветувања и од лаги. Верувам дека може подобро и дека заслужуваме подобро“, рече Арсовска.
Шилегов или Арсовска? Жителите на Скопје в недела ќе одлучат кој од нив ќе раководи со главниот град, кој има и најголем буџет од сите други локални самоуправи. Во првиот круг разликата меѓу нив беа околу 8.000 гласови плус на контото на Арсовска.
Игор Стефановски