Заев се заблагодари, најави оставка, но веќе три дена никаде го нема

„За мене беше чест што можев да ви служам и што ми ја дадовте вашата доверба сите овие години да работам за вас, мој народе. Ви благодарам.“
Оваа благодарност беше последното појавување на премиерот Зоран Заев во неделата по вториот круг од локалните избори. Иако на оваа прес-конференција најави оставки, Заев веќе три дена го нема никаде во јавноста. Негова оставка не е стигната ниту во СДСМ, ниту пак во Собранието од премиерската функција.
Од СДСМ кусо соопштија дека не добиле најава за оставка, а истиот одговор го даде и Парламентот. Од Владата пак, ги демантираа информациите дека Заев планира до декември да тактизира со оставката. Но, прашањето на Заев како премиер и понатаму останува „статус кво“. Во меѓувреме, членови на извршната власт веќе покажуваат премиерски амбиции пред коалиционите партнери. Неофицијално се дознава дека Никола Димитров, поранешниот министер за надворешни работи, а моментално вицепремиер за европски прашања, почнал да лобира кај партнерите од владејачката коалиција за да дознае дали ја ужива или не нивната поддршка да го води кабинетот. Димитров ниту ја потврди ниту ја демантираше ваквата информација. Од ДУИ кратко рекоа дека освен Заев, нема друга фигура која би ги обединила владините партнери. Во наредните денови се очекува средба Ахмети-Заев која евентуално би ја дала вистинската насока на случувањата.
Adrina Kerimi