ВМРО-ДПМНЕ: Со уцени и поткуп Заев се обидува да остане на власт

Срамно и недостоинствено и на веќе познат начин, Зоран Заев повторно го гази Собранието за со поткупи, уцени и закани да се обиде да остане на власт, рече на денешната прес конференција портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски.
„За жал, се повторуваат сценаријата со притисоци врз пратеници, овој пат потпишани на иницијативата за изгласување недоверба на актуелната влада. Информациите се дека тие притисоци се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди“, рече Стоилковски и додаде:
„Зоран Заев не знае поинаку, тоа веќе беше видено во Собранието, а со тој начин на режимско делување сведочевме и за време на изборниот процес. Но, веруваме и дека, како што граѓаните се одважија и на избори го испратија Заев и СДСМ во историјата, така и потписниците на иницијативата за гласање недоверба на власта ќе се одважат да се издигнат над непристојните предлози и над заканите, затоа што за нив, како опозициски пратеници, ништо не е поважно од јасно изразената волја на гласачите. Впрочем, на лагите на Зоран Заев повеќе никој не верува. Впрочем, повеќе не се работи само за политика, туку се работи за решавање надоаѓачките страшни кризи. Зоран Заев е извор на кризите, а не е решение пред кризите и наспроти притисоците, тоа ќе биде одлучувачки мотив во четврток“, рече меѓу другото Наум Стоилковски.