На сметките на МЕПСО и ЕСМ „легнаа“ 65 милиони евра

На сметките на државните компании ЕСМ и МЕПСО веќе се легнати 65 милиони евра од буџетот на државата за справување со енергетската криза. Од владата за Алсат велат дека парите ќе се трошат за зголемување на домашното производство на електрична енергија, за дополнителен увоз на струја, за потребните количини на јаглен, но и за подобрување на ликвидноста на претпријатијата.
Сепак од Владата не добивме одговор колку од парите ќе бидат за јаглен, колку за увоз на струја, а колку за останати трошоци на ЕСМ и МЕПСО. Владата конкретно не одговори ниту на прашањето дали со државни пари ќе бидат покриени и загубите на приватните компании – снабдувачи кои дистрибуираа струја на фирмите од приватниот сектор.
„Операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на балансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека, во случајов, тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба“, наведоа од Владата.
Дополнителна дилема која се отвори во оваа кризна енергетска состојба е дали воопшто овие 65 милиони евра ќе стасаат за да се покријат сите дупки во енергетскиот систем. Од владата првично најавија дека на располагање имаат 100 милиони евра, пари кои ќе бидат прераспределени од Ковид програмата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека настрана енергетската криза која владее во речиси цела Европа, во Македонија главната причина за колапсот со струја е како што велат нестручноста на кадрите кои ги водат државните енергетски компании.
„Македонија нема ниту гас, ниту пак доволно домашно производство на електрична енергија, па затоа се трошат огромни суми народни пари за увоз на електрична енергија, под превезот на Одлуката на владата да прогласи ризна состојба во траење од 30 дена“, рече Стевче Антовски, член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа криза со недостаток или со скапа струја на своја кожа веќе ја почуствува дел од бизнисмените кои набавуваат електрична енергија од слободниот пазар по повисоока цена. Од Банкарската асоцијација соопштија дека на сите експозитури и централни објекти на членките ќе ги изгаснат светлечките реклами во период од 30 дена, се со цел да придонесат во рационалното користење на електричната енергија.
Иле Петревски