Драма во Собранието без расправа за доверба на Владата

Четвртокот заврши со затворање на 53 седница на која требаше да се расправа за доверба на Владата. Претседателот на Собранието, Талат Џафери откако ја напушти седницата цели 12 часа порано, се врати да констатира дека не е изгласана недовербата на Владата.
„На Владата не и беше изгласана недоверба и врз основа на ова, Владата продолжува да работи со целосен состав и со задачите што ги има. Сметам дека материјалот за оваа седница е потрошен и ја прогласувам седницата за затворена“, рече Џафери.
На неколку минути пред полноќ, во салата беа само неколкумина пратеници на СДСМ и ДУИ и целиот кабинет на Владата на Заев. Пратениците кои ќе гласаа за уривање на Владата, истовремено ги напуштија просториите на Собранието два часа пред да седницата да биде завршена.
Расправата за довербата на Владата воопшто не почна бидејќи пратениците кои ја потпишаа иницијативата не успеаја да обезбедат кворум бидејќи имаа пратеник помалку од потребното. Салата ја напушти и спикерот Џафери, а „исчезнувањето“ на пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи беше тема на денот. Од изразување загриженост за киднапирањето, сомнежи дека бил држен со насилство и притисок, како и пријавување во полиција како исчезнат, беа чекорите што ги презеде неговата матична партија. Реџепи во меѓувреме се појави објаснувајќи дека е во добра состојба.
„Градоначалникот Билал Касами и другите не треба да се грижат за мене. Јас сум на безбедно место, јас сум на вистинската страна, јас сум со Албанците и со сите граѓани на државата“, порача Реџепи.
„Секоја порака преку социјалните мрежи не е валидна. Секоја порака што може да се даде со сила, под закана и преку механизмите што ги знаеме, не е валидна“, рече Билал Касами, претседател на Движењето Беса.
Иницијативата за гласање недоверба на Владата следуваше неколку дена по објавувањето на заедничката фотографија на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со претставници на сите опозициски партии и Беса, со натпис „имаме ново мнозинство“.
Фатлуме Дервиши