Нивото на Треска под повеќегодишниот просек

Продолжената суша без поинтензивни врнежи од дожд, придонесе реките во Кичевско да останат со речиси празни корита, а најголемата река во овој регион, Треска, е со рекордно низок водостој, со што е загрозен и живиот свет во реката.
Миле Стојкоски од РЦУК – Македонски Брод вели дека последните неколку месеци врнежите од дожд биле толку слаби, што не биле доволни ниту да ја наводенат почвата, а не било доволно ниту кога биле нешто пообилни, поради продолжената суша присутна во земјава.
– Најдобар показател за малиот дотек на вода е некогаш полноводната Треска, која деновиве изгледа разочарувачки празна. Месец ноември традиционално бил дождлив и тоа придонесувало не само да се наполни коритото на Треска, туку често и да се излее од своето корито и да ги поплави површините во нејзина непосредна близина, вели Стојкоски, кој посочи дека се добива впечаток дека и цел месец да врне нема да биде доволно да се наполнат реките во регионот.
Според него, последните мерења од само шест сантиметри во Треска е аларм кој предупредува дека сушата се претвора во елементарна непогода.
Стојкоски потсети дека сè понискиот водостој на Треска, го доведува во прашање опстанокот на живиот свет во реката. Поради нискиот водостој водата во реката е сè посиромашна со кислород, кој е од пресудна важност за опстанокот на живиот свет.