ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Локални избори во Дебар, победник Хекуран Дука од ДУИ

Хекуран Дука од ДУИ ќе го води Дебар и во наредните четири години, откако, на гласањето од вториот круг од локалните избори кое се одржа вчера, освои само 138 гласа повеќе од Беким Поцеста од Алијанса – Алтернатива. Поцеста синоќа обвини дека ДУИ ги вклучила владините структури во изборниот процес и оти ќе ги анализираат записниците од избирачките места. Дебарчани велат, дека не очекуваат многу работите да се подобрат во нивниот град. Кој и да дојде на власт, велат, ќе биде исто. Дебар е претворен во слепо црево и град на пензионери бидејќи младите масовно се иселуваат.

Advertisements

„Кој и да добие, треба да работи за народот. Ако не е со народот, како да игра со народот. Дебар е оставено на страна. Треба повеќе да се инвестира во патишта, во инфраструктура“…

„Било кој градоначалник да дојде ситуацијата нема да се промени. Нема фабрики и кога би имало, што може со таа плата. Што да очекуваме кога цела Европа ни ги зеде младите, бидејќи овде нема перспектива за нив“…

„Немаме работа. Партиски се вработуваат. Ние и да гласаме, пак исто ќе биде. На никој не верувам. На ниту една партија не верувам. Никој ништо не прави. Без работа сме. Немаме работа никаква. Никако не гледаме иднина. Пред гласањето ќе биди ваму, ќе биди таму и на крај ништо“…

„Веќе 30 години очекуваме од сите градоначалници. Но некако се истата песна се пее. Градот воопшто не е чист. На Дебар му фали само хигиена“, реагираат граѓаните.

Со изградбата на автопатот „Патот на Арбер“ кој се очекува да биде изграден набргу, жителите на Дебар побргу ќе стигнат до Тирана, односно за само еден час, отколку до Скопје, Струга или Охрид. Сопствениците на угостителски објекти во Дебар пак тешко доаѓаат до работници за работа.

„Ситуацијата е многу алармантна. Дебар е тежок град поради географската позиција и тешко е за младите за работа, а и политиката ги мачи и се иселуваат во странство. Во моментот лично не очекувам ништо добро во иднина за Дебар“, вели Таљат Велиу-сопственик на угостителски објект.

Ако на Избирачкиот список во Дебар има нешто повеќе од 19.000 гласачи, се претпоставува дека половината од нив воопшто не живеат во Дебар, туку некаде во западноевропските држави и САД. Во разговор со жителите на Дебар, тие велат дека најголем проблем на овој град е иселувањето.

На гласање вчера излегоа само 8.444 лица. Се смета дека само во САД има повеќе од 8.000 дебрани, а во Европа повеќе од 2.000.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button