
Нереални и несоодветно се распределени капиталните инвестиции за следната година. Државата на хартија планира да потроши 615 милиони евра со Предлог буџетот за 2022, но во реалност, според досегашната пракса, овој план тешко ќе се оствари, велат од Finance Think. Според нив, не е рационално министерства кои не реализирале ни половина од тоа што го ветиле годинава, да добијат за следната година буџет за капитални и за 300 насто повеќе.
„Може да се види тенденцијата се уште да не се кратат непродуктивните трошења, а од друга страна преоптимистички се дефинираат капиталните расходи. Гледаме институции кои имаат ниска реализација на капитални расходи, во новиот буџет добиваат уште поголеми капитални задачи, а од друга страна имаме друг парадокс во кои институции кои имаат ниски капитални задачи, не успеаваат да ги реализираат тие задачи, а повторно во новиот буџет добиваат повисок раст на капиталните расходи“, вели Бојан Србиновски- Институт за економски истражувања и политики Finance Think.
И на вториот ден од комисиската расправа за предлог буџетот, опозицијата обвини за енормно и непродуктивно трошење на министерствата за вработувања, плати, автомобили.
„Многу ме интересира за едно министерство зошто има 260 илјади евра за како што се вели за ситен инвентар. За хартија, гуми, пенкала малце да не се многу колеги. Транспорт и врски е министерство кое го зборуваме сите, но министерство кое реално не може ниту 55 проценти од тоа што само си го задало како задача да си го заврши. За изградба на социјални станови имало 134 милиони, со ребаланс 194 милиони, а сега има нула“, рече Љупчо Пренџов- Пратеник на ГРОМ.
За министерот за финансии Фатмир Бесими, сите зголемување на платите се во согласност потребите и барањата на буџетските корисници.
„Во однос на плати и ситен инвентар на кое се повикавте тоа се однесува на програмата на економски промотори кои што треба да се испраќаат, согласно тоа што се најави на МНР, покрај делот на плати има и за други трошоци за опремување и доекипирање“, вели Бесими.
Следната години најголемо зголемување ќе добијат министерството за надворешни работи за 300 насто повеќе и министерството за животна средина за 79 насто за разлика од оваа година. Од МНР не одговорија на што ќе ги трошат капиталните инвестиции, а од животна средина велат дека зголемувањето е за реализација на проект за водоснабдување во висина од 50 милиони евра. Во буџетот и натаму се вбројуваат капиталните проекти за изграба на клинички центар во Охрид и Скопје, општа болница во Кичево, колекторски системи во Охрид и Струга кои низ годините никако да се реализираат.
Андреа Чобанова