
Независната угостителска комора (НУК) почна иницијатива за креирање иницијална понуда за издавање глобален алтернативен крипто-коин/крипто-средства наменети за користење исклучиво во угостителската индустрија. Со тоа, според НУК, се обезбедува алтернативен извор и начин на прибирање средства за инвестирање и финансирање на македонски и регионални угостители и угостителски објекти.
Како што наведува Комората, приходите остварени од инвестициите во крипто-средството, авансно ќе се исплатуваат и инвестираат во угостителите кои ќе имаат за обврска добиените средства да ги враќаат и исплаќаат со реализација и испорака на сопствени угостителски услуги.
„За побрзо да ја прекинеме агонијата на преживување од ден во ден и да изнајдеме алтернативни начини за финансирање, инвестирање и помош и поддршка на угостителската индустрија не само локално туку и регионално, ја почнуваме оваа иницијатива со колеги од Балканот за издавање на глобално крипто-средство базирано на паметни договори како една нова модерна можност за прибирање на финансиски средства и промоција на македонскиот и балканскиот туристичко-угостителски сектор кој ги следи и имплементира модерните технологии во угостителскиот сектор“, истакнуваат од НУК.