Најмалку 168 автобуси и комбиња возат патници без дозвола и лиценца

Две недели по автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица, Државниот инспекторат за транспорт сè уште не успеал да влезе во компанијата „Беса Транс“ за да изврши вонреден инспекциски надзор. Не бил тука газдата на фирмата, Беким Хаџиу.
„Службените канцеларии на „Беса Транс“ беа затворени. Немаше никој таму. Доставивме известување согласно Законот за инспекциски надзор, на кое го одредивме датумот кога треба да вршиме надзор“, рече Руфат Хусеини, директор на Државен инспекторат за транспорт.
За пропустите при преминувањето на граница на автобусот, во Царинската управа и понатаму се вршат дополнителни проверки. Директорката на Царина, Славица Кутиров тврди дека од досегашните проверки, автобусот ги имал сите потребни документи за излез од државава. Сепак, таа додава дека цариниците не можеле да ја проверат нивната веродостојност бидејќи нема таков централизиран регистар.
„На годишно ниво, извадивме некој податок над 30.000 евиденции. Значи не се работи за немање контрола или евиденција од страна на царинската управа. Меѓутоа, имајќи в предвид дека имаме јасна процедура, што треба да се направи во секој чекор и дека во таа процедура имаме одредено непостапување за конкретниот автобус, беа изречени тие мерки“, рече Славица Кутиров, В.Д. директорка на Царинска управа.
Царината досега од работа суспендираше двајца цариници, а парично го казни нивниот раководител. Инаку, денешните согледувања за случајот со автобусот на Беса Транс беа кажани на дебата за ризикот од корупција при издавање на разни документи во областа на транспортот, организирана од Антикорупциската комисија. На неа беше соопштена и друга информација, односно дека во земјава најмалку 168 автобуси и комбиња превезуваат патници на домашните патишта, а за тоа немаат ниту дозвола, ниту лиценца.
Игор Стефановски