Ивановска: Корупцијата ја поткопува демократијата и човековите права

Остри критики кон власта на Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата. Првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, оценува дека корупцијата ја поткопува демократијата и човековите права во сите сфери.
„Сè уште сме сведоци на партиски пазарења за високи раководни позиции, кои инаку треба да се пополнат преку јавни огласи, фер конкуренција и МЕРИТ Систем. Сведоци сме на смена на директори поради политички реваншизам. Сведоци сме на вработувања според познати шеми на непотизам, клеинтелизам и кронизам. ДКСК повеќе пати укажа дека овој начин на дејствување на политичките елити го поткопува интегритетот на институциите и ја намалува довербата на граѓаните“, вели Ивановска.
А, за намалена доверба кај граѓаните говори најновото истражување кое денеска го промовираше Македонскиот центар за меѓународна соработка, МЦМС. Според ова истражување, корупцијата стана проблем број еден во државата за граѓаните. Дури 80% сметаат дека желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт, влијае на широката распространетост на коурпцијата. Според граѓаните, најкорумирани се судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите.
„Перцепцијата за корупцијата во иднина не е нешто позитивна. Големо мнозинство од граѓаните, 73% сметаат дека и во иднина ќе постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок. Широката распостранетост на корупцијата постои – две третини од граѓаните, односно 69% сметаат дека корупцијата е распостранета меѓу службените лица и ова е зголемување за речиси 4 процентни поени споредбено со 2019 година“, рече Снежана Камиловска Трповска, МЦМС.
За борба против корупцијата трите власти треба да имаат волја за тоа, но клучната е судската власт која треба да има ресурси и да казнува.
„Функционалност на истражни центри коишто во овој момент ги има само во 5% од обвинителствата и кои иако се оперативни, ги немаат потребните капацитети, а нивната функционалност во голема мера и значително би придонела во борбата притив корупција и криминал“, рече Натали Петровска, Коалиција „Сите за правично судење“.
Во последниот извештај на Транспаренси интернешнл Македонија е рангирана на 111 место од 180 земји според индексот за перцепцција на корупцијата.
Вицепремиерот за броба против корпуцијата, Љупчо Николовски, меѓународниот ден за борба против корупцијата го одбележа со пост на фесјбук.
Игор Стефановски