

Alsat
05.07.2020 17:28
Градежните работи на гасоводот на Водно се стопирани. Невладините и еко-здруженијата објавија фотографии на кои се гледа дека нема градежни активности. Потврда за тоа има и од директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи. Работите на трасата се искомплицирале во регионот на Сопиште и селото Шишево. Во Сопиште некои жители бараат да се смени трасата бидејќи цевките треба да поминат покрај гробишта, а во Шишево има проблематичен терен за работа, но и пандемијата си го сторила своето. Сепак, од оваа компанија тврдат дека цевките до Тетово и Гостивар ќе стасаат во зацртаниот термин.
Национални енергетски ресурси:
„Делниците од преносниот систем што се во тек на градба ќе завршат оваа година… Делницата Гостивар – Кичево треба да започне оваа година…
На Водно остануваат незавршени околу 10% од работите, велат од Национални енергетски ресурси. А, од невладините организации кои беа против минувањето на трасата преку Водно, велат дека без оглед на застојот, штетата врз еко-системот е веќе направена кога беа исечени дрвата.
Единствена моментална ситуација е дека Водно е раскопано. Ниту има гасовод, ниту сè уште е реализирана трасата…“-изјави Татјана Стојановска, „Го сакам Водно“.
Инаку, за изградбата на гасоводот беа организирани неколку јавни дебати на кои невладините тврдеа дека треба промена на трасата, но властите не попуштија и решија гасоводот да оди кон Тетово и Гостивар токму преку сртот на Водно. Не помогнаа ниту случаите кога еко-активисти легнуваа пред багерите.
Иле Петрески